До кога во канализацијата ќе се фрла градежен шут, облека и стар мебел?

Во услови кога се случуваат краткотрајни но обилни врнежи од дожд, речиси постојано низ метрополата може да се забележи понекоја шахта, која наместо да ја собира водата од улиците, ја исфрла во облик на гејзир. Па веднаш штом се случи такво нешто, граѓаните веднаш ги напаѓаат надлежните дека не си ја сработиле добро својата работа, објавуваат фотографии, обвинуваат, а всушност за таквата состојба виновниците секогаш се наоѓаат во нивните соседи, кои молчешкум се ослободуваат од ѓубрето фрлајќи го во шахтите.
„Биди одговорен, однесувај се совесно“, е новото мото за заштита на канализацискиот систем со кое градското водоводно претпријатие апелира до граѓаните да се однесуваат совесно.

– Одржувањето на системот за одведување урбани отпадни води и третманот на отпадните води е од исклучително значење за заедницата, за санитарната и здравствена заштита, како и за заштита на животната средина од загадување. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје често се сведоци на затната канализациска мрежа, а причина за тоа е неправилно фрлен отпад од домаќинствата, градежен шут, кабаст отпад и други предмети – информираат од претпријатието.
Оттаму истакнуваат дека канализацискиот систем не е депонија и оти граѓаните мора својот отпад да го фрлаат во местата предвидени за тоа.

– При неодговорно и несовесно фрлање на отпадот во системот за одведување на урбаните отпадни води се нарушува неговата функционалност и најчесто доаѓа до излевање на отпадните води, кои доколку не се пречистени и правилно третирани штетно влијаат врз здравјето на луѓето и врз животната средина – истакнуваат оттаму.
Од претпријатието велат дека граѓаните треба да се однесуваат совесно и правилно да го фрлаат својот отпад.

– Затоа „Биди одговорен, однесувај се совесно“, заштити ги канализацискиот систем, здравјето и животната средина. Граѓаните правилно да го фрлаат отпадот, да го селектираат за да се рециклира и реупотреби. Доколку се далеку од контејнерите за селектиран стаклен отпад, граѓаните можат да го повикаат тимот на „Пакомак“ на 072 26 66 26. Граѓаните треба да го сортираат кабастиот отпад и за неговото отстранување да ги повикаат општинските служби или екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на 0800 222 33 – истакнуваат од „Водовод и канализација.“