До кога ќе чекаме на Законот за Водно?

Помина повеќе од година дена откако Владата го задолжи Министерството за животна средина во рок од 30 дена да изготви предлог закон за Водно, а сè уште нема конкретна реализација на оваа Владина одлука. Донесувањето на ваков закон беше предвидено како своевидна компензација за одлуката гасоводната траса сепак да поминува низ парк-шумата, по повеќемесечните протести на еколошките здруженија за спас на Водно. Единствено што од тогаш па досега беше направено за заштитата на парк-шумата Водно беше одржувањето на јавната расправа на 26 август за студијата за валоризација на заштитено подрачје парк-шума Водно, пишува Мета.мк.

Изготвувањето на студијата воопшто не беше спомнато во одлуката од 86. владина седница како предуслов за донесување на законот за Водно.

„Се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви и во рок од 30 дена до Владата да достави предлог-закон за прогласување на парк шумата Водно за заштитено подрачје“, стои во записникот од 86. седница на владата одржана на 22 август 2018 година.

Градот Скопје најави дека студијата, на која работеше УНДП, морало да му претходи на донесувањето на закон за заштита на Водно, но таа доби бројни критики како од еко-активистите, така и од стручната јавност бидејќи предвидува најнизок степен на заштита на Водно од 5-та категорија, намалување на заштитената површина, а начинот на зонирање на заштитеното подрачје овозможува стопански активности во скоро 40% од парк шумата кои досега беа забранети како нови објекти за домување и за туристичка намена, но и сечење и поткастрување дрвја, напасување стока, интензивно земјоделско производство, па дури и приод на моторни возила.

„Имаме генерална забелешка на процесот на носење на Законот за Водно бидејќи како претставници од граѓанскиот сектор бевме уверувани од власта дека ќе се донесе специјален закон (lex specialis) за Водно, вели Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.

Стојановска смета дека студијата речиси ексклузивно се потпира само на Законот за заштита на природата и дека Водно е разгледувано само од биолошко-географски и во извесна мерка социјален аспект, дека не е земен предвид фактот дека Водно е штит од ерозија за Скопје, особено имајќи предвид дека како што и самата студија кажува над 220.000 жители живеат во неговото подножје, на што укажаа и експертите од Шумарскиот факултет од Скопје.

„Се добива впечаток дека студијата е ваква каква што е бидејќи постои намера на Водно да се вметнат нови содржини, а не да се заштити“, сметаат од „Го сакам Водно“.

Во март годинава заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули соопшти дека Законот за заштита на пределот на Матка и законот за заштита на Парк шумата Водно се во завршна фаза на изработка и дека наскоро тие ќе влезат во владина процедура. Макрадули тогаш најави и дека во идното законско решение за Водно, како и за Матка ќе се регулираат зоните на строга заштита во овие подрачја односно дека „ќе постојат заштитени зони во кои нема да може ништо да се прави, додека во други ќе може да се интервенира за рекреација и за објекти.“ Оваа изјава на Макрадули е во колизија со она што стои во студијата за ревалоризација на Водно, бидејќи таа не предвидува заштита со која Водно би имало заштитени зони каде ништо нема да се прави.

Седум месеци подоцна се чини дека најавениот закон за Водно не е ниту почнат да се пишува со оглед дека сè уште не е завршена јавната расправа по Студијата за ревалоризација на парк-шумата Водно. „Мета.мк“ во повеќе наврати се обидуваше да контактира со заменик министерот за животна средина за да добие одговор кога се очекува исполнувањето на обврската дадена од Владата за „lex specialis“ Закон за Водно, кој беше ветен и во преговорите со граѓанските активисти што минатото лето ги блокирааа багерите за гасоводот, но барањата беа игнорирани.

Од Град Скопје, кој заедно со УНДП е изготвувач на Студијата за ревалоризација на Водно, дадоа општ одговор дека во моментов се разгледуват забелешките и коментарите за Студијата кои ги доставија до градот по што ќе се одржи работилница на која ќе бидат дадени образложенија за прифаќање или неприфаќање на секоја забелешка одделно, пишува Мета.мк.