До кога ѓубре после секоја забава во парк или на Водно

За време на пандемијата на коронавирусот, многумина скопјани, по препораката за дружби на отворено, ја користат секоја можност за социјализација на отворено и во природа. Можеби и токму затоа периодов најпосетени се планината Водно, особено Средно Водно, парк-шумата Гази Баба и Градскиот парк. Но она на што во повеќе наврати бевме сведоци со нашите „новинарски екопатроли“ е евидентното несоодветно однесување на некои граѓани, кои зад себе оставаат расфрлано ѓубре, догорчиња, лименки, пластични и стаклени шишиња, хартии. Со секое наредно осамнато утро, навистина се застрашувачки глетките од ноќните собиранки на младите луѓе. Попусто надлежните комунални служби секојдневно „се борат“ со сметот на теренот, но граѓаните се уште поупорни со своите нееколошки постапки.

Изминативе денови слики со ѓубре од споменатите локации во изобилство се појавија и по социјалните мрежи како предупредување. Дури имаше и фотографија од последици на вандалско однесување во парк-шумата Гази Баба, каде што е уништен еден видиковец. Исклучително е загрижувачки што ваквите појави се повторуваат кај граѓаните.

– Посетителите на парковите, јавните површини и излетничките места се должни, во согласност со законот, сите отпадоци да ги фрлаат во канти за оваа намена. Доколку не се придржуваат до тоа, следуваат соодветни казни (во согласност со Законот за комунални дејности, Законот за јавната чистота, Одлуката за комунален ред во Град Скопје). Во летниот период, поради зголемената фреквенција на движење и посетеност на овие локации, јавните претпријатија засилено чистат и ги празнат контејнерите и кантите во утринските часови. Нашите редарски служби се константно на терен и ги контролираат парковите и јавните површини, додека во случајот со Водно поради пристапноста понекогаш е потешко да интервенираат.

Последен извештај е оној за целата 2019 година, според кој комуналните редари на Град Скопје поднеле 1.602 записници против прекршителите, за што следува соодветна глоба од по 3.000 денари. За споредба, во 2018 година биле поднесени 882 записници, што значи дека годинава имаме двојно повеќе казни од страна на ова одделение на Градскиот инспекторат – објаснуваат од Град Скопје.
И парк-шумата Гази Баба е посебно заштитена област во Градот и во негова надлежност, односно на ЈП „Паркови и зеленило“. Самата парк-шума секојдневно има ревносна редарска служба, која се грижи за паркот и редовно го одржува и го чисти.
– Општина Гази Баба помага преку своето комунално претпријатие ЈКП „Гази Баба“ во овие активности за зачувување на парк-шумата. За жал, сведоци сме на повеќе немили настани, одредени граѓани свесно и намерно ги повторуваат постапките за уништување на поставената опрема. Во овој период на неколку наврати се поставија нова опрема, нови реквизити за вежбање и за одмор на посетителите, но, за жал, неколкупати дел од таа опрема се крши, а имавме и случај кога летниковец беше и запален. Општината и Град Скопје покрај редарската служба и инспекторите, на терен се координираат и со полицијата, која исто така особено во овие денови кога во сила се мерките за заштита од коронавирусот има позачестени контроли на парк-шумата.