До добро расположение со правилна исхрана и вежбање

Според експертите, генетиката има 50% удел во тоа колку е среќен еден човек, а другата половина пак зависи од нас самите, односно целите и навиките кои ги имаме.

Најновите научни истражувања на оваа тема покажуваат дека постојат многу начини за подигнување на нивото на хормонот на среќата -  серотонин во организмот. Тоа може да се постигне со правилна исхрана, односно внесување на здрави намирници, како и редовна физичка активност.

Што треба да јадеме?

Ова се некои намирници кои треба да ги конзумираме за да бидеме посреќни.

Намирници кои содржат триптофан

Шолја топло млеко пред спиење е одлична за добро расположение. Млекото содржи триптофан, хемиска материја која учествува во продукција на серотонин кој делува како природен антидепресант. Затоа, за да го подигнете нивото на серотонин, треба да конзумирате намирници кои ја содржат оваа аминокиселина. Покрај млекото, тука спаѓаат и семките, сушените кајсии, брокули, пилешко, риба, јајца и спанаќ.

Јаглени хидрати

Иако постои голема дискусија за јаглехидратите, сепак тие треба да бидат дел од вашата вечера. Тие ја стимулираат продукцијата на инсулин, што доведува до редукција на оние хемиски материи кои го отежнуваат продорот на триптофанот во мозокот.

Минерали

Врамнотежената исхрана богата со минерали не само што ќе го зачува вашето здравје, туку и ќе го подобри вашето расположение. Калциумот и магнезиумот ги опуштаат мускулите и нервите, а дефицит од овие минерали придонесува кон нервоза и лошо расположение. Конзумирајте свежо овошје, лиснат зеленчук, интегрални житарици и семки.

Витамин Б

Многу луѓе кога се под стрес имаат потреба да испијат пиво или да изедат некој колач од кисело тесто.Тоа е бидејќи овие намирници се богати со Б12 и Б1 (тиамин). Конзумирајте грав, зелка, а исто така земајте и суплементи.

Бидете физички активни

Физичката активност го поттикнува нивото на ендорфин во мозокот, а истовремено и придонесува кон намалување на хормонот на стресот (кортизол). Експертите тврдат дека физичката активност помага да се чувствувате подобро, без оглед на вашето расположение.