До автомобилот кај Катланово пронајдено тело на починат маж

Во близина на автомобилот „рено 9“ паднат во бездна на патот Велес - Скопје кај Катланово е пронајдено тело на починат маж. Телото било во фаза на распаѓање, но, сепак, е извлечено од страна на припадници на Единицата за специјални задачи. Блиски на семејството тврдат дека тоа е Робертино Чонтев, кој исчезна на 24 јули, и дека член на фамилијата го идентификувал, пренесува Телеграф.

Автомобилот беше пронајден утрово околу 8 часот од страна на блиски пријатели и другари на Роберто, кои го бараа откако се водеше за исчезнат, од 24 јули.

- На десетина метри од автомобилот е пронајдено тело. Тоа ќе биде дадено на препознавање. Возилото сè уште не е подигнато од бездната - изјавија од МВР.

На местото каде што е паднат автомобилот, освен екипа на МВР, присутни се и припадници на АРМ бидејќи Чонтев работеше како потполковник во Армијата. 

На местото се наоѓа и јавен обвинител, кој се очекува да даде наредба телото да биде предадено на обдукција заради утврдување на причините за смртта.

Утрото на 24 минатиот месец, кога Робертино (45) исчезна, мајката Милица тврдеше дека со неговиот автомобил „рено 9“ металик боја се упатил кон Велес. Откако безуспешно чекаа да биде пронајден, неговите другари и пријатели од вчера почнале потрага, која денес резултира со пронаоѓање на автомобилот во бездна после вториот паркинг од автопатот Скопје -- Велес, по  тунелот од Катланово.