
Жичницата на Водно останува надвор од употреба поради повеќе утврдени технички недостатоци, а реконструкцијата треба да започне во текот на октомври, кога во Скопје се очекува да пристигнат стручни тимови на австриската компанија „Doppelmayr“.
Од ЈСП Скопје информираат дека при извршените проверки биле констатирани повеќе технички недостатоци, поради што, од безбедносни причини и согласно законските процедури, Жичницата била ставена надвор од употреба.
За отстранување на проблемите била спроведена постапка за избор на компанија, во која како единствен пријавен економски оператор учествувал „Doppelmayr“, компанијата која ја изработила и инсталирала Жичницата.
„По спроведената постапка, со компанијата е склучен договор за реализација на активностите за реконструкција. Се очекува во текот на овој месец во Скопје да пристигнат стручните тимови на Doppelmayr, по што ќе започне процесот на реконструкција“, наведуваат од ЈСП.
Според нив, доколку активностите се одвиваат според предвидената динамика, реконструкцијата би требало да заврши околу Нова година. Сепак, нагласуваат дека станува збор за сложен технички процес и дека роковите ќе зависат од текот на работите и резултатите од стручните проверки.
На дополнителните прашања колку точно ќе чини сервисирањето и кои делови треба да бидат заменети или поправени, конкретен одговор не добивме. Сепак, од договорот и финансиската понуда објавени на Електронскиот систем за јавни набавки може да се види обемот и вредноста на набавката.
ЈСП Скопје склучило договор со подружницата на австриската „Doppelmayr Seilbahnen GmbH“ за резервни делови, материјали, нивна монтажа и сервисирање на Жичницата „Милениумски крст“. Максималната вредност на договорот изнесува 45 милиони денари без ДДВ, односно 53,1 милиони денари со ДДВ, а договорот важи 12 месеци или до исцрпување на предвидената вредност.
Финансиската понуда на компанијата е пониска и изнесува 36.740.054 денари без ДДВ, односно 43.353.263 денари со ДДВ. Најголемиот дел од сумата, околу 34,68 милиони денари без ДДВ, се однесува на резервни делови и материјали.
Спецификацијата содржи стотици позиции – од гумени облоги, лежишта, ременици, сензори и електронски компоненти, до делови за кочниот и погонскиот систем.
Само 36 прекинувачи за мониторинг на јажето се проценети на повеќе од 3,09 милиони денари без ДДВ, додека три програмабилни LCD панели чинат речиси 1,2 милиони денари без ДДВ.
Меѓу поскапите ставки е и целосниот сервис на електричниот мотор DMI280P, за кој се предвидени 1.854.000 денари без ДДВ, односно околу 2,18 милиони денари со ДДВ.
Посебно ќе се наплаќа и сервисирањето по работен час. За хидраулично одржување е понудена цена од 18.000 денари за час, за електрични дефекти 13.500 денари, а за механички дефекти и интервенции на макарните батерии по 11.500 денари. Највисоката ставка е 33.291 денар за час за специјалист за проверка на вибрации и тестирање на моторот.
Колкава ќе биде конечната сума што ќе ја плати ЈСП ќе зависи од тоа кои резервни делови реално ќе бидат нарачани и колку сервисни интервенции ќе бидат потребни во текот на договорниот период.
Според договорот, резервните делови треба да бидат оригинални производи на „Doppelmayr“ или производи одобрени од производителот, а компанијата е задолжена и за нивно стручно монтирање, тестирање и проверка на исправноста.
Од ЈСП нагласуваат дека Жичницата повторно ќе биде пуштена во употреба само откако ќе бидат исполнети сите технички и безбедносни услови и ќе биде потврдена нејзината целосна безбедност за користење.