Невреме со катастрофални последици го зафати Скопје. Граѓани од повеќе делови на градот се заглавени во нивните возила и панично јавуваат дека водата им навлегува во автомобилите, а од Лисиче јавуваат и дека водата навлегува во куќите.
Поплавени улици, искршени стебла паднати на земја, заглавени автомобили. Прекинато е снабдувањето со електрична енергија во неколку населби. Големото невреме, пропратено со грмотевици и обилни врнежи кое вечерва го погоди Скопје ги претвори булеварите во езера и им предизвика главоболки на Скопјани Најкритична е состојбата во Автокоманда кај хотелот Континентал, на Булеварот Србија, како и во делови на Кисела Вода и Водно. Повеќе автомобили едноставно застанаа на поплавените улици и не можат да прдолжат понатаму.
Владата на Република Македонија заедно со поголем број на институции, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за одбрана, АРМ, екипи и од Црвениот крст се излезени на терен. Сите служби се обидуваат на граѓаните да им дадат максимална поддршка и помош кои се погодени од невремето. Ова вечeрва го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој го посети кризниот штаб кој градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски го формираше по невремето и поплавите во Скопје.
Спасов истакна дека според првичните информации поголеми штети има во скопскиот, а помали во тетовскиот регион.
Во овој момент дождот паѓа со намален интензитет и според информациите од терен состојбата со сообраќајот полека се враќа во нормала. Полицијата е присутна е најкритичните точки и тековно го следи развојот на настаните.
Од управата за хидрометеролошки работи за утре најавуваат променливо облачно посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, особено во западните делови. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Вредноста на УВ индексот ќе биде 7.
И понатаму продолжуваат да важат препораките до граѓаните да останат во нивните домови и да не излегуваат со возила се додека не престане невремето и не се создадат услови за нормално одвивање на сообраќајот. Исто така Град Скопје апелира до граѓаните кои со своите патнички возила се заглавени на некои од поплавените критични места да останат во своите возила додека се повлече водата и да ја почекаат помошта од соодветните стручни лица од Јавните претпријатија на Градот.