„Дивеење“ во скопско Кучково: Четири лица повредени, шестмина приведени

Четири лица завршиле во болница, а шест во полициска станица по дивеење кое што во раните утрински часови денеска се случило во угостителски објект во скопското село Кучково. МВР излезе со детали за целиот случај:

На 24.09.2018 година во 00,40 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено дека во с.Кучково – скопско во угостителски објект дошло до нарушување на јавниот ред и мир помеѓу повеќе лица. Имено, на една од масите во објектот лицата кои седеле, започнале да кршат чаши и шишиња и на вработените им кажале дека ќе ја подмират штетата што ќе ја направеле. На тоа реагирал сопственикот А.Т.(25) од Скопје кој им кажал дека работното време завршува за 20 минути и дека треба да ја подмират сметката и да го напуштат објектот.Тогаш лицата започнале најпрво со чаши и пепелници да фрлаат кон А.Т. а потоа и физички го нападнале. Потоа дошле В.М.(21), М.К.(20), П.М.(29) и В.А.(26) сите од Скопје, но веднаш лицата започнале и кон нив  да фрлаат шишиња и други предмети, а потоа и физички ги нападнале, по што го напуштиле местото на настанот.

Нападнатите со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница “8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош. По преземени мерки и активности, околу 02,15 часот пронајдени и приведени во Полициската станица Ѓорче Петров биле лицата: М.М.(26) од с.Кисела Јабука, Д.Б.(22) од с.Волково, И.Ј.(41), С.К.(30) М.З.(34) и Н.С.(20) сите од с.Кисела Јабука.

По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следат соодветни поднесоци.