Дива платформа никна нa Матка - oд Град Скопје не знаат за што станува збор

Дива платформа, најверојатно за кафеана, никна во кањонот Матка. Од Град Скопје не знаат за што станува збор, но од Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека градбата е нелегална оти за овој потег немаат издадено никаква дозвола. Од Општина Сарај никој не одговара на прашањата, пишува СДК

Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.

Кањонот Матка е под надлежност на Град Скопје и Општина Сарај. Токму градоначалникот Петре Шилегов во јуни лани кажа дека Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал, а неколку пати најавуваше носење на Закон за заштита на Водно и Матка.

„Град Скопје нема издадено никакво одобрение за поставување на урбана опрема на Матка. Ќе излеземе на терен да видиме за што станува збор. Обврската за уривање на нелегални градби и објекти е на Општина Сарај“, рекоа за САКАМДАКАЖАМ.МК од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.

Од Општина Сарај не добивме одговор што се гради во кањонот, зошто се дозволува узурпирање на природата со градби и дали инспекторите имаат издадено решение за уривање.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети два дена не одговараше на неговиот телефон. Лицето задолжено за односи со јавност Миранда Рамети исто така не се јавуваше на телефонскиот број, ниту пак добивме одговор на поставените прашање кои ги испративме на е-поштата на Општината.

air max 90 essential sale