Дисциплинска за полицаец кој употребил сила врз актерката Ирена Ристиќ

Одделот за внатрешна контрола при МВР поведе постапка за дисциплинска одговорност на полицаец од полициската станица Центар, кој пред два месеца постапувал во случајот со приведувањето на актерката Ирена Ристиќ, потврдуваат од МВР за „Макфакс“. Претставката до одделот за внатрешна контрола ја поднел Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од полицијата потврдуваат дека иако Ристиќ не давала отпор, полицаецот употребил физичка сила. Освен тоа, од извршените проверки, увидот во видео материјалот и во службената документација службите во МВР констатирале дека не е испочитувана стандардната оперативна процедура за постапување со лица на кои им е ограничено правото на слобода на движење, со неоправдано присуство на полициски службеници во просторијата за разговор со задржани лица.

„Констатирано е дека во полициската станица над задржаното лице И. Р. од страна на полицискиот службеник – сменоводител во ПС од ОН Центар е употребена физичка сила-полуга на десната рака како и повлекување на истата, без основ, бидејќи лицето не давало активен, ниту пасивен отпор, и за тоа не е изготвен извештај за употреба на средство за присилба, што е спротивно на членот 65-а од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи“, велат од МВР за „Макфакс“.

Поради потешко кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, против сменоводителот во ПС од ОН Центар, одделот иницирал постапка за утврдување дисциплинска одговорност до надлежната Комисија. За овој настан МВР го известило скопското обвинителство.

Според полицијата, на 17 септември 2018 година пред објектот на Владата на РМ околу 00,30 часот дошле лицата И.Р. и В.Р. заедно со други три лица, при што, ги нарушиле јавниот ред и мир со „карање, викање или непристојно и дрско однесување“ и „нарушување на јавниот ред и мир во пијана состојба“, па биле приведени.

Заради утврдување на психофизичката состојба на Ристиќ, и поради „други околности од кои произлегувало дека не е способна да управува со своите постапки“, полициски службеници ја спровеле актерката во психијатриската болница во Скопје. Полицајците со себе не носеле образец во кој докторот би се произнел за нејзината состојба, па за неа не бил изготвен наод со мислење на стручно лице, по што била вратена во ПС „Центар“.

Од МВР за „Макфакс“ потврдуваат дека истата вечер било алкотестирано лицето В.Р. и било утврдено присуство на алкохол во организмот, а И.Р. одбила да се алкотестира и „продолжила со агресивно однесување“. На актерката ѝ било понудено да ѝ биде извршен преглед на Клиниката за токсикологија, но таа одбила.

Ристиќ, пак, ден по настанот објави дека противправно била приведена и не добила одговор на ниту едно прашање. Таа објави дека вечерта ги собирале пикавците покрај Владата и дека полицисиките службеници биле груби и ја навредувале и пцуеле.