Директорот Живковски: Инвестирањето во знаење е инвестиција во успехот на Агенцијата

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска се обрати на третото советување наменето за правниците вработени во институцијата, посветено на темите „Видови запишувања во катастарот на недвижности“ и „Практична примена на Законот за катастар при отстранување грешки и ажурирање податоци“ на кое свои тематски обраќања имаа и судии од Управниот суд.

Во обраќањето, Живковски ја нагласи важноста од континуирана едукација и професионална надградба, истакнувајќи дека правниците секојдневно се соочуваат со значајни предизвици во примената на законските одредби.

„Нашата цел е секогаш да можеме да кажеме ‘како што вели законот’. Тоа е основата на точната и законита работа на Катастарот“, истакна директорот, додавајќи дека судската практика има голема улога во правилната примена на законите и затоа е важен директниот осврт на судиите на клучните теми.

Живковски изрази задоволство што претходните советувања донеле позитивни реакции и барање од вработените за нивно продолжување.

Тој посочи дека Агенцијата работи врз принципите на стручност, професионалност, транспарентност и ефикасност, што е во интерес на граѓаните и јавноста.

„Да инвестираме заедно во знаење – тоа е најважната инвестиција за успехот на нашата работа“, рече Живковски во завршното обраќање, охрабрувајќи ја понатамошната едукација и унапредување на професионалните стандарди.