Директорот поднесе оставка, наставникот е суспендиран по обидот за силување дете во основно училиште во Ѓорче Петров

Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, соопшти дека од лични и морални причини оставка поднел директорот на општинското основно училиште во кое се случи обид за силување на ученик. На негово место, веќе е именуван нов ВД директор.

Стојкоски информираше и дека е формирана комисија која ќе поведува дисциплинска постапка против четворица вработени, а суспендиран е одговорниот наставник за одделението. По утврдувањето на одговорноста на секој од нив, зависно од дејствијата кои ги презеле или пропуштиле, соодветно ќе бидат санкционирани.

„Изразувам жалење и најсилна осуда за немилиот настан во едно од нашите ООУ, во која се инволвирани ученици од најмалите одделенија. Информираме дека сме во постојана комуникација од моментот на пријавување на настанот со сите инволвирани институции, МВР, МОН, социјални служби и обвинителство“,  рече Стојкоски додавајќи дека општината и училиштето соодветно ги презеле сите мерки согласно Законот за основно образование и Законот за наставници и стручни соработници, како и согласно Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученици жртви на насилство, злоупотреба и занемарување.

МВР претходно објави дека пред два дена во период од 11 до 15 часот, во двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, ученикот бил физички нападнат од двајца негови соученици, кои се обиделе да извршат полово дејствие врз него.

Случајот во полицијата го пријавил таткото на ученикот.