Директорот на „Модерна“ смета дека пандемијата ќе заврши кон средината на 2022 година

Извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел, смета дека корона пандемијата ќе заврши за една година со оглед дека е зголемено производството на вакцини со што се осигурувааат глобалните залихи.

-Доколку го погледнете ширењето на производствените капацитети во фармацевтската индустрија во последните шест месеци, до средината на следната година би требало да има достапни доволно дози за секој на овој свет да може да се вакцинира.

„Бустерите“ исто така би биле достапни за сите на кои им е потребно, вели тој за медиумите.

Тој нагласи дека наскоро вакцината против корона вирус ќе биде возможна и за новороденичињата.

-Оние кои не се вакцинираат ќе се имунизираат природно бидејќи делата сојот е многу заразен. Во тој случај ќе завршиме со ситуација која е слична на грипот. Може да се вакцинирате и да имате добра зима или да не се вакцинирате и да ризикувате и со короната и со грипот, појасни Бансел.

Тој рече и дека очекува владите да ја одобрат „бустер“ дозата за луѓе кои веќе се имунизирани бидејќи ризичните пациенти по зимата несомнено ќе имаат потреба од „освежување“.

Нивната засилувачка вакцина има половина од оригиналната доза на вакцината, што значи дека ќе ги има повеќе.

– Волуменот на вакцината е најголемиот ограничувачки фактор. Со половина од дозата, ќе имаме три милијарди дози на располагање ширум светот за следната година, наместо само две милијарди, рече тој.

Составот на засилувачката доза останува ист како и оригиналната вакцина за оваа година, бидејќи Модерна немаше доволно време да ја промени.

– Во моментов тестираме вакцини оптимизирани за делта варијантата во клинички испитувања. Таа ќе ја формира основата на засилувачката вакцина за 2022 година. Исто така тестираме делта плус бета, следната мутација за која научниците веруваат дека е можна, додаде Бансел.

Модерна може да ги користи постојните производствени линии за нови варијанти, како и за оригиналната вакцина против Ковид-19. Цената на вакцината ќе остане иста, рече тој.