Директорка и шефица на финансии во Државна лотарија осомничени за проневера од 80 милиони денари

Се огласија и од Јавното обвинителство за скандалот во Државна Лотарија каде финансиската полиција поднесе кривични против две вработени. 

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против две лица, осомничени дека во текот на 2024 година, како соизвршителки, проневериле 79.989.444 денари од АД Државна лотарија на Република Северна Македонија.

„Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија на Република Северна Македонија, вршејќи ги нивните посебни овластувања и должности определени со закон, заедно учествувале во дејствија на извршување на кривичното дело проневера со намера да прибават за себе противправна имотна корист“, соопшти Обвинителството.

Според обвинителите, двете осомничени присвоиле пари кои им биле доверени во службата, во значителен износ од 79.989.444 денари.

„Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и лица задолжени за прием и уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година кој им бил доверен од продажните места на АД Државна Лотарија на РСМ, не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе“, наведуваат од ОЈО Скопје.

Дополнително, според Обвинителството, осомничените подигале пари и од банкарските сметки на Државна лотарија, кои исто така ги присвојувале.

Поради опасност од бегство и криење, како и можност осомничените да влијаат врз сведоци и други лица или да ги сокријат и уништат доказите, обвинителот побарал да им биде определен притвор.

„Постои основан страв дека осомничените ќе се обидат да ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, како и особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, но и околности што упатуваат на можноста да го повторат кривичното дело“, соопшти Обвинителството.

Предлогот за определување мерка притвор за двете осомничени е доставен до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.