Директорите на националните културни установи мора да докажат дека знаат англиски или ќе бидат сменети

Кандидатот за директор на национална установа од областа на културата ќе може (а не мора?) покрај другите пропишани сертификати да го поседува и уверението АПТИС, како доказ за активно познавање на англискиот јазик.

Ова се предлага со измените на постојниот Закон за култура, како и од него да се избрише условот кандидатот да има психолошки тест и тест за интегритет.

Познавањето на англискиот, директорот ќе треба да го докаже во рок од една година од назначувањето, во спротивно ќе му престане мандатот.

„Се предлага покрај сертификатите што се пропишани во Законот за култура од 2014, да биде пропишан и сертификатот АПТИС зашто е најдостапен за полагање и со најниска цена, а е на ниво на сите други. Се предлага психолошкиот тест и тестот за интегритет да бидат избришани како услов зашто не постојат овластени правни лица со стручен кадар за спроведување вакви тестови. Тие се чиста формалност и, реално, нема од каде да бидат обезбедени“, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски, образложувајќи ги измените пред матичната собраниска комисија.

Вчера, во Собранието на Република Македонија, министерот Алаѓозовски ги претстави предложените измени кај условите и критериумите за кандидати за директори на националните установи од културата, како и за одредени категории професии во јавниот културен сектор. Измените на три предлог-закони, Законот за култура, Законот за заштита на културното наследство и за Законот за филмска дејност, беа прифатени од Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, со заклучок да одат во следно, второ читање.

Овие измени се предлагаат и во Законот за заштита на културното наследство, во кој се однесуваат и важат за директор на Управата за заштита на културното наследство. Во Законот за култура се предлага и бришење на одредбата со која уметниците и другиот стручен и уметнички кадар во установите треба да познаваат и да поседуваат меѓународно признат сертификат за англиски, француски или германски јазик.

„Ваков услов во законот не придонесува за поголема стручност и професионалност на уметниците и другите вработени во културата, а претставува финансиско оптоварување и затоа се предлага да се избрише од законот“, рече Алаѓозовски.

Петчлените комисии кои одлучуваат за вработување на уметниците во установите од областа на културата се предлага да не мора нужно да имаат четири члена од странство, зашто ангажирањето странски уметници за секоја постапка за вработување со аудиција и за постапката за реаудиција, во практиката се покажало сложено и дополнително финансиско оптоварување на установите.

„Република Македонија има голем број стручни и компетентни уметници за да ги проверат уметничките способности на кандидатите за вработување во установите. Се предлага тие да немаат обврска секогаш да носат членови на комисијата од странство, но ова не исклучува да бидат и од странство особено кога се работи за дефицитарен уметнички кадар“, појасни министерот за култура.

Се предлага и усогласување помеѓу општиот Закон за културата и специјалните закони од конкретните дејности за заштита на културното наследство во однос на вкупниот број години за стекнување на звањето советник кај стручните соработници (библиотекар, кустос, конзерватор, филмолог) – наместо шест да биде осум години.

Измена се предлага и во Законот за филмска дејност за да се зголеми одговорноста и ефиканоста на директорот на Агенцијата за филм. Во случај ако се утврдат недостатоци во финансиското работење, директорот ќе треба да ги отстрани во рок од шест месеци, а во спротивно ќе биде разрешен од функцијата. Во претходниот закон директорот имаше можност за дополнителни шест месеци што би значело продолжување на штетите во дејноста.

Измените на трите предлог-закони беа прифатени од Комисијата за култура со заклучок да одат во следно, второ читање. Министерот рече дека тие измени се најитни и дека можеби овие клучни закони во културата ќе бидат темелно ревидирани зашто тоа го бара стручната фела. „И за Законот за култура, и за Законот за заштита на културното наследство, и за Законот за филмска дејност, има расположение во 2018 целосно да се отворат, да се стават на јавна расправа и да донесеме сосема нови закони кои ќе ги надминат наталожените недостатоци на овие закони кои претежно биле донесени во скратена постапка и без вистинска дебата во 2014 година“, рече Алаѓозовски.