Многу малку родители се против вакцина, а многу поголем број се збунети од различните информации што ги добиваат од здравствените професионалци, но и од социјалните мрежи и интернет-форумите.

Мојот став е апсолутно „да“ за вакцина,  рече вечерва директорката на Детската клиника проф. д-р Катерина Ставриќ во Топ Тема на телевизија Телма.

Ставриќ, која, како што нагласи, зборува од позиција на имунолог кој 20 години работи во струката, напомена дека проблемот е комплексен и оти е неопходна едукација и на родителите и на докторите. Мора, потенцира директорката, да се врати довербата во здравстевниот систем.

Според неа, нема сто отсто заштита со вакцините, но тие се цивилизациска придобивка.

- Зошто до пред пет години имавме релативно висок опфат на вакцинација, а сега нивото падна? Ние не бараме виновници. И лекарите и родителите и властите придонесоа за ваквата состојба. Генерално, се изгуби довербата во здравствените работници, родителите многу повеќе им веруваат на интернет-форумите, отколку на здравствените работници, истакна Ставриќ.

И претседателот на Комитетот за имунизација проф.д-р Александра Грозданова смета дека социјалните мрежи имаат големо влијание врз одлуката на родителите дали да ги вакцинираат своите деца.

Според д-р Јадранка Бибан, гинеколог-акушер, оној родител што одбива да го вакцинира детето, всушност сака да го заштити. Таа рече дека не е против вакцините, но лекарите мора да прифатат дека е 21 век и оти свеста на луѓето расте и се менува.

- Она што го научив во мојот работен век е дека никогаш кога мене ќе ме праша пациент за совет, не му посочувам законска регулатива. Никогаш не велам, законот вели така. Мене законот не може да ме води. Ние лекарите работиме со живи луѓе. Седнуваме со пациентот, ја анализираме целата негова состојба и донесуваме заклучок најдобар за него, посочи Бибан.