Актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот “Адитив“ не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Димитровска, вчера беше изведена пред Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, кој одлучувајќи по предлогот на Обвинителство, и определи мерки за претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера информира дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица – вработен во едно од обвинетите правни лица, кој се товари за Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, додека едно службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино и за актуелната претседателка на ДКСК се сомничат за кривичното дело Oддавање службена тајна.
Новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата во Собранието беше изгласан на 22 декември 2023 година со 97 гласа „за“, а свечена заклетва членовите дадоа на 8 февруари минатата година.
Татјана Димитровска, која е дипломиран економист беше избрана за претседател на Комисијата. До изборот, таа била вработена во Државниот завод за ревизија (ДЗР).
За претседател и членови на ДКСК, беа пријавени 41 кандидат.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство ГОКК им определи мерка притвор и мерки на претпазливост, на тројцата осомничени, со кои беше проширена истрата за „Адитив“.
„Односно, против Б.Н. осомничен за кривичните дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело Oддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.