Димитровска: Констатиравме дека картата на синот на премиерот не е платена со државни пари

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 кажа дека од целокупната документација што им била доставена и извршената анализа од нивна страна, констатирале дека од буџетот на државата се потрошени средства исклучиво за делегацијата со претставници од државни институции за патувањето во Вашингтон и во Њујорк и дека не е платено ништо за синот на премиерот,

„Кога го отворивме овој предмет, имавме единствена цел да утврдиме дали претседателот на Владата, вршејќи ги своите надлежности, службена должност и јавни овластување, ги има прекршено законот и Уставот, односно дали со спроведеното дејствие има остварено своја лична корист или корист на некое друго лице. Врз основа на целокупната документација што ни беше доставена и извршената анализа од наша страна, констатиравме дека од буџетот на државата се потрошени средства исклучиво за делегацијата со претставници од државни институции, односно дополнително беше обезбедена документацијата за патување на физичко лице, во случајов синот на премиерот, од каде што констатиравме дека од буџетот на државата не се платени трошоци за физичко лице, рече Димитровска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Од документацијата која ја имале добиено, авиобилтетите за физичкото лице биле платени во готово, имале прилог фискални сметки. Резервацијата не била извршена од ниедна државна институција, додека за сместувањето е издадена фактура со потпис и печат дека е платено во готово и гласи на физичкото лице.

„Од целокупната документација која ја обезбедивме од буџетските корисници, од трансакциските сметки на тие институции, вклучително и амбасадата, утврдивме дека такви средства не се исплатени на физичко лице. Дали фактурата што има печат „пеид“ е веродостоен документ, сепак не навлеговме во правната регулатива на државата што ја има издадено таа фактура. За нас е доволен доказ, со сите алатки што ги применивме, да потврдиме дека буџетски средства не се користени за приватни цели, во случајов за патување на синот на премиерот“, прецизира Димитровска.

На настанот во Њујорк, како што кажа, било патувано со јавен превоз, со воз, за што, додаде, дека имале прилог фактура и секако документација дека е платено.

„Платено е за таквиот превоз, што значи дека исто така и за оваа релација од Вашингтон до Њујорк не е платено од буџетот на државата за синот на премиерот“, потенцира Димитровска.