Димитров: С.Македонија останува посветена на исполнување на заложбите на ОБСЕ

Северна Македонија е целосно посветена на исполнувањето на сите заложби на Организацијата за безбсност и соработка во Европа, ја подржува нејзината улога, и е благодарна на  подршката што таа ја дава на нашата држава, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на 26-от Министерски совет на ОБСЕ, што денеска и утре се одржува во Братислава, Словачка.

Димитров ја нагласи важноста и потребата од поголема ангажираност на земјите-учеснички во ОБСЕ за модернизација на Виена документот. Ја реафирмираше посветеноста на земјава за натамошно исполнување на обврските и заложбите кон Организацијата, соопшти МНР.

– Не може да се постигне напредок доколку нема целосно почитување на заедничките вредности: почитувањето на човековите права, основните слободи и демократските норми, економските слободи и одговорноста за постапките, рече Димитров.

Тој искажа честитки за постигнувања на актуелното словачко претседателство со ОБСЕ, и целосна поддршка на претстојното албанско претседавање со Организацијата во 2020 година.

На маргините на Министерскиот совет, Димитров имаше повеќе билатерални средби, меѓу кои и со новиот висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, со Филип Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, со шефовите на дипломатиите на Австрија Александер Шаленберг, на Холандија Стеф Блок, на Литванија Линас Линкевичиус, на Летонија Едгарс Ринкевич, на Естонија Урмас Реинсалу, на Белгија Филип Гофин, на Романија Богдан Ауреску, на Ирска Симон Ковени, со генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер и  високиот комесар за национални малцинства Ламберто Заниер, како и со заменик министерот за надворешни работи ан Италија Марина Серени и со Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите на Светата Столица.

На средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, беа разменти мислења за идните активности на Европската комисија во контекст на што поскоро постигнување консензус за добивање позитивна одлука за отпочнување преговори со ЕУ. Ова е нивна петта средба, но прва по неодамнешното преземање на новата функција на Борел.

И на средбите со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, фокусот на разговорите беше ставен на можноста за заеднички успех со Унијата, преку што поскоро постигнување консензус за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, што е во интерес не само за земјата и регионот, туку и за самата ЕУ и кредибилитетот на европската перспектива.

На средбите со генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер, како и со високиот комесар за национални малцинства Ламберто Заниер, се разговараше за актуелната меѓусебна соработка. Заеднички беше позитивно оценета поддршката што ја дава ОБСЕ во реализацијата на владините реформи.

На средбата со в.д. помошникот секретар за европски  и евроазиски прашања Филип Рикер, беа разменети мислења од регионално и пошироко значење на евроатлантските односи, со акцент на за нас историскиот Самит на НАТО во Лондон, се вели во соопштението од МНР.

На Министерскиот совет во Братислава, шефовите на дипломатиите на земјите – учеснички на ОБСЕ разменуваат мислења за работата и активностите на Организацијата во изминатиот едногодишен период, во рамките на Словачкото претседавање.

Се очекува Министерскиот совет да усвои одлуки и декларации што се однесуваат на делувањето во трите димензии на Организацијата: политичко – воената, економско – еколошката и хуманата димензија.