Димитров: Нашиот случај е вистински тест за ЕУ, време е да ги почнеме пристапните преговори

Време е да почнеме пристапни преговори. Вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, бидејќи ние сме земја кандидат 16 години, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција по билатералната средба со австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се очекува и други земји да го блокираат почетокот на преговорите за нашето членство во Унијата, Димитров нагласи дека императивот за успех е навистина огромен годинава, потенцирајќи дека она што го говори за ЕУ и за реформите, се потпира на ветувањата од Брисел.

– Нас во јуни 2018 година ни рекоа – го цртаме патот да почнете преговори во јуни 2019 година. Во јуни 2019 година ни рекоа, сепак ќе одлучиме во октомври 2019, а во октомври 2019 година ни рекоа, не можеме сега да донесеме одлука. Одлуката се донесе во март 2020 година, меѓутоа уште не може да биде спроведена. Затоа сум се поискрен и се поотворен и мислам дека вистински тест за ЕУ е токму нашиот случај, ние сме земја кандидат 16 години, а во нивото на усогласеност сме апсолутно во слична, а во определени области и во подобра кондиција со државите кои веќе многу години се во пристапниот процес, истакна Димитров.

Австриската министерка Едштадлер додаде дека гледа огромна опасност ако заради билатерални конфликти или дискурси или заради нерешени прашања од историјата, се направи голема грешка и не започнат преговорите со земјава.

==

– Сакам уште еднаш да ја кажам понудата на Австрија како еден вид посредник за решавање на проблемот помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Ние да посредуваме, затоа што се работи за ништо помалку од нашата заедничка иднина и треба да бидеме свесни оти неколку дена пред 9 Мај – Денот на Европа, конечно е време да почнат конференциите, земјите од Западен Балкан да ги вградиме во дијалогот и да им овозможиме иднина. Да не се случува тоа во наредните три, пет или 10 години, туку интеграцијата да се случи бргу и перспективата да им се даде сега. Австрија како партнер со земјите од Западен Балкан сака да ја игра оваа улога, знаејќи оти на европско ниво уште некои работи мора да се дозавршат за дијалогот да продолжи. Се надевам дека наскоро тоа ќе може да се случи, изјави Едштадлер.

Прашан дали е можен некаков исчекор на јуниските самити со оглед на тоа што во Бугарија нема формирано Влада, Димитров беше дециден дека влогот е преголем и ние немаме право однапред да „креваме раце“, без разлика на тој контекст.

– Ние ќе направиме се што моежеме и мислам дека и многу земји членки чувствуаат и разбираат дека е крајно време оваа година да има сериозно поместување кон подобро за европската идеја во нашиот регион. Многу е тешко тоа да се резлизира и да биде убедливо, ако македонскиот случај не е препознаен и потврден преку меѓувладина конференција, изјави Димитров.

Прашан од австриски новинар која е неговата порака до Софија и како овој проблем може да се надмине, вицепремиерот Димитров одговори дека со Бугарија сме соседи, споделуваме многу и нема земји членки во ЕУ што имаат поголем влог во успехот на европската приказна од нашите соседи Бугарија и Грција.

Во оваа смисла, порача Димитров, или ќе бидеме заедно поразени или заедно ќе бидеме победници. Меѓу другото тој потсети дека направивме многу изминатите години и работејќи дома и решавајќи проблеми со други држави, потенцирајќи дека со Грција решивме прашање што беше проблем 25 години, кое на некој начин по Дејтонскиот договор, е големо решавање на проблем во регион, каде има проблеми и нерешени прашања.

– Ако Европа потфрли да го потенцира и да го потврди овој успех, ќе испрати многу погрешна порака до целиот регион. Успехот значи јасна и вистинска перспектива и порака до граѓните во регионот дека успехот е можен и оти ЕУ е навистина сериозна кога зборува за пристапувањето, проширувањето или комплетирањето. Успехот значи поттик за нас тука и создавање вистинско пријателство и блискост со соседна Бугарија и обратно, неуспехот ќе биде пропупштање на една извонредна прилика да ја градиме иднината заедно, токму како народи кои меѓу другото имаат и заедничка историја во определени периоди. Успехот ќе значи и за ЕУ дека ги реализира своите одлуки, затоа што во март лани добивме чисто зелено светло, без дополнителни услови, конечно да ги почнеме пристапните преговори, потенцира Димитров.

Тој нагласи дека чекаме да се формира Влада во соседна Бугаирја и треба да ги отвориме сите канали за комуникација веднаш, бидејќи, како што рече, ние во Европа немаме премногу шанси за успех и немаме луксуз да пропуштаме можност за успех.

– Да ги користитем со оглед на влогот, потенцира Димитров.

Едштадлер, пак, истакна дека не гледа друга можност, освен повторно да се укажува на тоа кои се последиците, доколку не продолжи процесот на проширување на ЕУ.

– Сакаме шесте земји на Западен Балкан да имаат јасна перспектива, особено сакаме Северна Македонија, која толку многу направи на патот кон ЕУ, да биде наградена со тоа што конечно ќе бидат преземени неопходните чекори. Многу ми е важно да нагласам дека овие две земји се соседи и сакаат да живеат во благоссостојба, што ќе се постигне ако разговараме меѓусебе и ги отстрануваме пречките, рече меѓу другото австриската министерка.

Таа додаде дека Австрија сака Северна Македонија и Албанија заеднички да добијат реална перспектива во ЕУ, оценувајќи дека раздвојувањето на двете земји на патот кон ЕУ би било ризично и затоа треба да се спречи тие да се раздвојата и процеси на меѓувладини конференции за двете земји да се водат истовремено.

Димитров потенцира оти огромно мнозинство земји членки на ЕУ имаат став оти Северна Македонија и Албанија ги исполнуваат условите за страт на преговорите и оти е крајно време „да има две меѓувладини конференции“.