Димитров: Добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото

Очекувањата и перспективите на Република Северна Македонија и активностите за поддршка од страна на Република Чешка во контекст на евроинтегративниот процес беа во фокусот на разговорите на денешната средба во Прага на министерот за надворешни работи Никола Димитров на билатералната средба со чешкиот колега Томаш Петричек, со која ја започна дводневната работна посета на Република Чешка.

-Чешка е дел од нашето ЕУ патување, помагајќи ни да стигнеме заедно до целта што побрзо. И денес во инспиративната Прага добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото. Очекувам тој ветер да не’ донесе до целта: отворање на пристапни преговори без одлагање, рече Димитров, соопшти МНР.

На средбата станало збор и за клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно понатамошно интензивирање.

Министерот Петричек, се наведува, ја потврди цврстата и континуирана поддршка на Чешка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Го нотираше забележителниот прогрес во спроведување на неопходните реформи во земјата, значителниот политички влог и потпишаните договори со Грција и Бугарија, и воедно го потврди својот став дека Северна Македонија заслужува да го започне процесот на преговори.

Министерот Димитров во текот на денов ќе има средби со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек, државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова, како и со учество на панел дискусија во Институтот за Европска политика – ЕУРОПЕУМ.

Во рамки на посетата Димитров утре ќе учествува на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, којшто се организира во рамки на Чешкото претседавање со Вишеградската група, стои во соопштението.