Димитров би можел да биде технички премиер на новата Влада, прогнозира германскиот весник „ФАЦ“

Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, во анализата што ја пренесе „Дојче Веле“.

Весникот анализира три можни сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција. Сигурно е само тоа дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа. А со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи“, пишува ФАЦ.

Весникот понатаму анализира дека оставката на Заев е пораз за Еврпската Унија. Како што се наведува во анализата, „клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија „со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар“.

„Неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за ткн. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“, се додава во анализата на Франкфуртер алгемајне цајтунг.