
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон Европската Унија, обвинувајќи ја за нов облик на притисок врз Македонија – духовен и национален. Тој нагласи дека македонскиот идентитет не смее да биде предмет на преговори.
„Ја сакаме Македонија во ЕУ, но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење – порача Димитриевски, реагирајќи на Извештајот за земјава што вчера беше усвоен во Европскиот парламент, каде што, како што рече, изостанала формулацијата „македонски идентитет и јазик“.
Тој ја обвини Бугарија за политика на културна агресија и истовремено ја критикуваше ЕУ за дозволување на реваншизам и нарушување на принципот на рамноправност.
„Ако ЕУ дозволи еден нејзин член да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа не е Унија на еднакви – рече тој, обвинувајќи дека се врши притисок Македонија да се откаже од себе.
Димитриевски ја осуди и политиката на поранешните македонски влади, обвинувајќи ги за предавство на националните интереси преку Преспанскиот договор, договорите со Бугарија и изјавите на официјални претставници без консултација со народот.
„Тоа не беше влада на народот, туку влада на предавство. Додека народот се бореше за достоинство, тие водеа бизниси и броеја профити во сенка, изјави тој.
Во своето обраќање, Димитриевски ја истакна борбата на ЗНАМ како заложба за европска интеграција заснована врз почитување, а не асимилација, и повика на национално обединување преку заедничка декларација.