Димитриеска Кочоска: Завршија состаноците со банките за парите од унгарскиот кредит, се чека конечен одговор за каматата

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска кажа дека денес во министерството имале состанок со секоја банка поединечно за парите од унгарскиот заем. Таа појасни дека се чека конечен одговор од банките за каматата што ќе биде понизок од 3,25 проценти, додека рокот останува и оти голем дел од банките кажале дека нема проблем за давање до три години грејс период и до 15 години отплата.

„Во однос на каматната стапка, секоја од нив имаше свои предлози. Ги замолив денеска да се договорат и дадат конечен предлог што ќе биде понизок од 3,25 проценти“, изјави Кочоска,

Прашана колку точно ќе платат компаниите кон банките, Кочоска, повтори дека тоа ќе го кажат банките кога конечно ќе ги пласираат средствата.

„Да оставиме денеска да се договорат, затоа што ви кажувам имаше банки кои што предлагаа одреден ранг. Јас сега што и да кажам е несериозно. Секоја компанија, посочи Кочоска, ќе може да отиде кај банка каде што сака и ако и биде одобрено, Развојната банка потоа ќе трансферира пари до таа одредена банка, изјави Кочоска.

Кочоска, исто така, нагласи дека немале проблем со банките, односно дека проблем бил начинот на кој ќе се дефинира рокот и ништо повеќе од тоа.