
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека по долг период, јавниот долг е намален, не само процентуално, туку и во апсолутен износ.
„Вие може да слушате многу често дека одредени работи се штедат, се внимава, па како министерката за финансии во дадени ситуации е малку построга. Ние немаме друг избор освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години.”, рече министерката.
Димитриеска-Кочоска за ТВ Алфа потенцираше: “Сега граѓаните можат да споредуваат дали работиме домаќински со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или некој пред нас работел домаќински кога долгот го зголемил за 292 милиони евра за ист период, почеток на година, и минатата и оваа.”
Таа додаде дека разумното управување, редукцијата на непродуктивните трошоци и напорите за стимулирање на економската активност резултирале со редуцирање на јавниот долг за 4,7 процентни поени, на ниво од 57,7 отсто од БДП. При тоа, како што истакна, предизвиците од минатиот период биле големи, па морало да се консолидираат финансиите и внимателно да се трошат парите на граѓаните.
Димитриеска-Кочоска потврди дека останува на проекциите за економски пораст од 3,7 отсто оваа година, и покрај поскромните очекувања на меѓународните финансиски институции. Таа најави ревидирање на државната каса во јули, пред да се распишат локалните избори.
„Ќе имаме една мини прераспределба јас би ја рекла или прераспределба како што ја кажуваат во Министерството за финансии во однос на овие проекти кои се пренаменети за општините. Ако се сеќавате во буџетот, ние ги предвидовме, меѓутоа беа ставени во функции на држава од причина што не можевме однапред да знаеме кој ќе биде интересот на општините, дали ќе сакаат повеќе проекти кои се поврзани со Министерство за транспорт или со Министерство за земјоделство, култура, спорт и заради тоа ги ставивме таму. Сега веќе имаме отприлика слика точно каде колку треба да се пренасочат средства и затоа ќе имаме една мини прераспределба, би рекла, а она што значи ребаланс на буџетот ќе биде некаде во месец јули пред да ги распишеме изборите”, изјави Димитриеска Кочоска.