Дилери фатени како препакуваат дрога во тетовско

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, кои како соизвршители сториле кривично дело - Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

„На 28 август, двајцата осомничени, во атарот на селото Палатица, држеле наркотична дрога марихуана. Во импровизирана колиба полициските службеници ги откриле додека ја препакувале дрогата за натамошна продажба. Биле пронајдени и одземени околу 78 грама марихуана во повеќе помали пакувања. При приведувањето, едниот од осомничените оттурнал и удрил полициски службеник, нанесувајќи му телесна повреда, но набрзо бил совладан. Против него е поведена постапка и за - Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението на МВР.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомничените. Судот го прифати предлогот и на двајцата им определи притвор во траење од по 30 дена.