ДИК се прогласи за ненадлежна за барањето на Чулев, го упати на Законодавно-правната комисија

Државната изборна комисија едногласно го отфрли како недозволено барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во кое тој бара членовите на највисокото изборно тело во државата да го толкуваат членот 46 од Законот за Влада и неговите надлежности.

Членовите на ДИК истакнаа дека тие не се овластени да даваат мислења, ниту оценки на законитоста на законите и упатија дека автентично толкување на членови на закони може да даде само собраниската Законодавно – правна комисија.

ДИК заклучи дека барањето се отфрла како недозволено и не претставува акт поврзан со изборите.

Чулев вчера во изјава за МИА рече дека барањето е испратено од аспект на тоа што МВР има секојдневни активности, како што се одржувањето јавен ред и мир, откривање и процесуирање кривични дела од организираниот криминал…, а со врзаните потписи, нагласува тој, се успорува работата и влијае на намалување на ефикасноста на МВР во однос на секојдневните такви активности.

Инаку, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност беше испратена телеграма до сите раководители на организационите единици во МВР, дека се потребни врзани потписи за работните активности и од министерот Чулев и од дополнителниот заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, а не постапувањето може да повлече одговорност.

Согласно Законот за Влада, за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада се потребни два потписа, односно тие имаат врзани потписи.

Во Законот за Влада член 46 стои: Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија кои ќе се одржат во 2016 година по што мандатот му престанува по сила на закон.

Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.

Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство. Одлуката на ДИК е конечна.