Дибиров: На Вардар му претстојат тешки времиња

Нс крајот на годинава во полн ек се подготовките на националните тимови за Европското првенство, а селекцијата на Русија реши нив да ги мине во СЦ „Јане Сандански“. Руски „Брз Центар“ објави интервју со левото крило Тимур Дибиров, кој освен за очекувањата од континенталниот собир, говорел и за ситуацијата во Вардар.

- Ни требаше оваа пауза. Во клубот имавме тешка полусезона. Поради многуте повреди, главните ракометари играа практично без замена во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, па уморот не стигна – и психички и физички. Во текот на цела година имавме проблеми во Вардар, но ја завршивме минатата сезона со победа во ЛШ. Тоа беше еден од најубавите моменти во мојот живот. Во новата сезона имавме одличен старт, но во продолжение ништо не беше како што треба. Вардар никогаш не трпел такви тешки порази, како последните, и ние се запрашавме што тоа правиме погрешно, вели Дибиров.

Тој се осврнал и на финансиските проблеми на актуелниот европски шампион, кои продолжуваат и покрај уверувањата дека по освојувањето на титулата нема повторно да ги има.

- И покрај мислењето дека финансиската состојба е подобрена, јас би кажал дека не е. Дури и полоша е. Мислам дека во таква состојба, клубот напролет ќе се соочи со сериозни кадровски проблеми, бидејќи од актуелниот состав, со исклучок на тројца играчи (Скубе, Кугис и Атман), на сите други им завршуваат договорите. Во ваква ситуација разговори за продолжување на соработката немаат смисла, а ниту пак некој не ги започнал од раководството. На Вардар му претстојат тешки времиња, вели Дибиров за „Брз Центар“.