Девет возила на едно паркинг место

Паркирањето е еден од најголемите проблеми на граѓаните во Скопје, особено на жителите од централното градско подрачје.

Постојат јавни претпријатија кои нудат зонско паркирање, паркинзи со рампи и гаражи, како и неколку приватни катни гаражи и паркинзи во рамки на трговските центри. Кога овие капацитети не се доволни, секогаш постои паркирање на улица, тротоар или некој див паркинг.

Во Скопје има околу 16.500 обележани паркинг места, додека според податоците на Министертсвото за внатрешни работи во 2016 година на територијата на Град Скопје и околните општини регистрирани биле вкупно 176.981 возила, од кои 151.098 автомобили. Тоа значи дека за секое паркинг место има по девет регистрирани возила.

Со паркинг просторот во главниот град стопанисуваат јавните претпријатија „Градски паркинг-Скопје“ и „Паркинзи на oпштина Центар“, како и едно државно станбено претпријатие.

„Градски паркинг“ располага со вкупно 8.015 паркинг места. Стопанисува со две катни гаражи, „Македонска фаланга“ која има 445 паркинг места и „Тодор Александров“ со 605 паркинг места. Јавните паркиралишта, каде влезот и излезот на паркинг просторот се регулираат со влезно-излезен систем за наплата располагаат со вкупо 1.694 паркинг места, а максимална искористеност се бележи на паркинзите кај Клинички центар „Мајка Тереза“, ГОБ „8 Септември“, Дом на печат, АМСМ, како и паркинзите Градска болница, „Кочо Рацин“ и Треска. Расположливост на паркинг места се појавува на паркингот Тутунски комбинат.

ЈП „Градски паркинг“ располага и со вкупно 5.271 паркинг место во зонско паркирање.

– Во централното градско подрачје и Дебар Маало-Зона А, зона Б и зона Ц, постојано се јавува потреба од слободно паркинг место, што говори за максимална искористеност на паркиралиштата. Доста висока искористеност се бележи на останатите паркиралишта во зона Ц, а расположливи паркинг места се појавуваат на одредени паркиралишта во зона Ц и зона Д односно: паркинг Д3-зад ТЦ „Бисер“, Д62-Тениско игралиште АБЦ, Ц80-кај Зоолошка градина, Ц33 под Транспортен Центар, информира „Градски паркинг“. Од претпријатието нагласуваат дека заклучно со декември 2017 година, бројот на паркирани возила и издадени дозволи за паркирање е во пораст.

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар“ располага со вкупно 5.117 паркинг места. Претпријатието стопанисува со една катна гаража-Судска палата, која располага со 505 паркинг места, од кои 28 паркинг места се наменети за лица со посебни потреби. За време на работната недела искористеноста на паркинг места во катната гаража е 70 отсто, а за викенд се користат само 20 отсто бидејќи гаражата работи само во сабота од 7 до 15 часот.

Ова претпријатие стопанисува со три паркиралишта од затворен тип (Аутомакедонија, Трготекстил и Дом на Градежници), кои располагаат со 1.370 паркинг места, а три проценти од нив се наменети за лица со посебни потреби. Затворените паркиралишта работат 24/7 и искористеноста на паркинг места е 100 проценти.

Бројот на паркинг места на отворените паркиралишта на ЈП ПОЦ во трите зони изнесува 3.242, а три проценти од нив се наменети за лица со посебни потреби. Како и на затворените паркиралишта, паркиралиштата од отворен тип имаат 100 проценти искористеност на паркинг места и во текот на работната недела и за време на викендите.

Според податоците на ЈП ПОЦ, во општина Центар секојдневно циркулираат од 30.000 до 60.000 моторни возила. Во оваа општина се регистрираат околу 20.000 моторни возила и тој број се зголемува за околу 1.000 моторни возила годишно, поради зголемување на бројот на полнолетни жители и нови потстанари кои престојуваат во општината.

Продолжува на другата страна.....................

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, располага со 1.740 места за патнички моторни возила и 10 за автобуси. Тоа стопанисува со катните гаражи „Разловечко востание“, „Солунски конгрес“, „Кресненско востание“ и Паркиралиште „Центар“ наспроти хотелот „Холидеј ин“. Од претпријатието велат дека максимално се искоритени нивните капацитети.

Граѓаните можат да паркираат и во неколку приватни катни гаражи, меѓу кои и катната гаража „Зебра“ во Капиштец која располага со 400 места. За постоечките корисници кои веќе имаат месечни картички работи 24 часа, а за другите корисници работи од 8:00 до 1 часот по полноќ.

Можност за паркирање има и во трговските центри низ Скопје. Во Рамстор има 310 паркинг места, а седум паркинг места се за лица со посебни потреби. Во Сити мол има околу 1.000 паркинг места, а 40 паркинг места се за возачи со хендикеп. Таму паркирањето до 10:00 е бесплатно, а влез на паркинг по 20 часот не се наплаќа.

Возачите меѓу цената за паркинг од час и пајак службата

Цената за подигнување на непрописно паркирано возило од страна на пајак службите на двете јавни претпријатија изнесува 2.500 денари, додека месечната карта од 1.000 до 6.000 денари. Цената за паркинг од час во зависност од зоната се движи од 25 до 50 денари.

Цената за паркирање на ЈП „Градски паркинг“ ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно доставен предлог ценовник од страна на Управниот Одбор на претпријатието.

Цената за паркирање на паркиралиштата кои се под ингеренција на ЈП ПОЦ се утврдува со Одлука на Советот на општина Центар. Пред неколку месеци ова претпријатие спроведе анкета за истражување на јавното мислење за степенот на користење и задоволство од услугите што ги нуди. Според добиените резултати, жителите на општина Центар имаат најмногу поплаки и реакции за недоволниот број на паркинг места на сите паркиралишта со кои стопанисува претпријатието.

Градските власти информираат дека извесна е потребата од воспоставување нови, дополнителни површини за паркирање, но затоа треба да се почека изготвувањето на документацијата и проектните задачи во рамки на проектот „Паметен град“ кој треба да придонесе за рационално и максимално да се користат паркинг просторите на целата територија на Град Скопје.

– Во буџетот веќе се предвидени средства за набавка на системот за слободно паркирање преку ЈП „Градски паркинг“ во износ од 12 милиони денари и претпријатието во текот на оваа година треба да го реализира проектот, информира Град Скопје.

За решавање на сообраќајниот метеж и проблемот со паркирањето во Скопје неопходна е поголема сообраќајна култура, пешачење на кратки релации, користење јавен превоз и велосипед. Град Скопје прави исклучителни напори за зголемување на велосипедските патеки, поставување паркиралишта за велосипеди, изнајмување на велосипеди и други погодности за возење и нивно сервисирање.