
Во текот на изминататото деноноќие, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Секторот за сообраќајни работи спроведе акциска контрола на подрачјето на општините Илинден, Гази Баба и Кисела Вода.
Контролата била насочена кон санкционирање на возачи кои управуваат возила под дејство на алкохол. Притоа, алкотестирани биле вкупно 49 возачи, при што кај девет од нив било утврдено присуство на алкохол, додека еден возач одбил да се подложи на алкотестирање.
Покрај тоа, биле откриени и 12 други сообраќајни прекршоци, а поднесени се и пет барања за поведување прекршочна постапка против правни и одговорни лица.
Едно лице е лишено од слобода, а одземено е и едно возило поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, односно управување под активна забрана, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
За сите сторители изготвени се соодветни поднесоци.
Од надлежните информираат дека акциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. Воедно, апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи управувањето под дејство на алкохол останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди со сериозни, па и фатални последици.