
Девет лица се повредени во судирот меѓу четири возила утрово магистралниот пат Прилеп–Битола.
Патот претпладнево беше целосно блокиран за сообраќај.
Според информациите од Клиничката болница во Битола, во установата се згрижени девет лица повредени во несреќата, меѓу кои има и државјанин на Србија.
Едно лице, поради сериозноста на повредите, веднаш било пренесено во операциона сала. Од вкупно деветте повредени, шестмина се хоспитализирани на Одделението за хирургија, додека тројца, по укажаната лекарска помош, биле пуштени на домашно лекување, информираат од Клиничката болница во Битола.
АМСМ информира дека од 9 часот утринава во целосен прекин е сообраќајот на магистралниот пат А3, на делницата Битола–Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница, поради сообраќајна незгода.
Возачите кои се движат на оваа релација се предупредуваат да возат внимателно и, доколку е можно, да користат алтернативни правци.