Детската болница во Козле полна со пациенти

Над сто прегледи дневно и исполнет капацитет со хоспитализирани пациенти – загадениот воздух и променливите временски услови ја наполнија детската болница во Козле.

Пораст на белодробните заболувања покажуваат и податоците во Институтот за јавно здравје. Минатата недела биле евидентирани над 17 000 случаи со инфекција на горни и долни респираторни патишта од кои дури една третина се кај деца до 6 годишна возраст.

-Има зголемен број на болни а овој период тоа е очекувано бидејќи овие временски услови тоа и го диктираат. Дури 80 проценти од патологијата кај нас е респираторна. Пикот од загадувањето го очекуваме за месец два, вели др. Ангелчо Андоновски, директор на болница за белодробни заболувања кај деца во Козле.

Едномесечно бебе е најмладиот пациент во Козле кое е хоспитализирано со пневмонија. Децата се најподлежни на компликации од респираторните инфекции.

-Бронхити и пневмонии се најчестите компликации, вели Андоновски.

Болницата во Козле работи со полн капацитет уште на стартот на сезоната на загадувањето и вирусните инфекции. Засега не враќаат пациенти, но реагираат дека за време на викенд и во вечерните часови родители носат деца со многу лесна клиничка слика.