Детска ликовна колонија во дворот на црквата Свети „Пантелејмон” во Горно Нерези

Вчера во дворот на црквата Св. „Пантелејмон”, Горно Нерези, во организација на Детскиот ликовен центар, а со поддршка од општина Карпош, се одржа 18-тата детска ликовна колонија.

Во рамки на оваа културна манифестација, учествуваа ученици од десетте основни училишта на територија на Општина Карпош, како и ученици од збратимената општина, Тиват (Црна Гора), и деца од тамошниот детски културен центар. На оваа традиционална манифестација присуствуваа претставници од одделение за образование и наука, како и раководителката Емилија Арсовска.

- На овогодинешната ликовна детска колонија учествуваат 24 ученици од основните училишта од Карпош како и децата гости од Тиват, збратимена општина. Горди сме на тоа што го работиме, затоа што секоја година имаме се повеќе интерес за учество на ликовната манифестација. Минатите години сме имале деца учесници и од другите збратимени општини. Нивните ликовни дела, учениците ќе ги продолжат и утре, во дворот на Кинотеката на Македонија, каде што секое дете ќе добие диплома за неговото учество на детската ликовна колонија, рече Арсовска.

Нивните творби беа инспирирани од мотиви на повеќе слободни теми од секојдневието, а помош и поддршка добиваа од своите ментори, наставниците по ликовно образование. Младите талентирани ученици ги пренесоа своите уметнички импресии на тврда подлога, користејќи ја техниката со темперни и акрилни бои.

Вечерва, 18-тото издание на детската ликовна колонија ќе заврши со доделување на дипломите за учество на секој ученик, во дворот на Кинотеката на РСМ.