Детето со убод во срце е во стабилна, но сѐ уште животозагрозувачка состојба

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека 13-годишното дете со убод во срце е во стабилна, но, сѐ уште животозагрозувачка состојба.

-Последната информација, за жал, ми е од вчера. Стабилно, во животозагрозувачка состојба, сѐ уште. На добрата страна - кинетиката - движењето на срцето е во ред, меѓутоа, сѐ уште е во животна опасност - одговори Клековски на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

На 01.09.2026 полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје ги приведоа Б.И.(19) и 13-годишник, двајцата од Скопје, постапувајќи по пријава дека на 31.08.2026 околу 22:00 часот на територија на Чаир, настанала физичка пресметка помеѓу Б.И.(19) и 13-годишник од една страна и И.З.(19), 13-годишник и 16-годишни, сите од Скопје, од друга страна, при што 13-годишникот кој е приведен, со нож им нанел убодни рани на трите лица од спротивната страна. И.З. и 13-годишникот се здобиле со тешки телесни повреди, а 16-годишникот со телесна повреда, информираа претходно од МВР.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и побара притвор за 19-годишниот Б.И. од Скопје, кој е осомничен за насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а Основниот кривичен суд Скопје одлучи Б.И. да остане во притвор 30 дена.