
„Дете бев кога престана да работи. Дете имам, не работи. Ама за внукот, здравје Боже, ќе работи“ – вака еден граѓанин го опишува разочарувањето од долгогодишното чекање на новиот Луна-парк во Скопје.
„Додека чекав забава за своите деца, тие пораснаа. Можеби ќе биде готов кога ќе имам внуци. Да не биде како патот за Охрид, децении се стори“, коментира друга скопјанка
„Може Дизниленд го прават“ - иронично коментира трет.
Овие коментари повторно го отвораат прашањето кога Скопје конечно ќе добие современ забавен парк за најмладите. За многу скопјани, Луна-паркот одамна не е само проект, туку и симбол на долгогодишните ветувања и одложувања.
Од Град Скопје вчера информираа дека главниот град ќе добие современ Луна парк, кој ќе ја врати детската смеа и ќе создаде ново место за забава и заеднички семејни моменти. По една деценија без еден од омилените простори на најмладите, Град Скопје останува посветен на реализацијата на проектот во рокот предвиден во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски – до крајот на 2027 година.