Детали за тешката сообраќајка на патарината Глумово

Седум лица, од кои едно потешко, се повредени во тешката сообраќајна несреќа која вчера околу 12 часот се случи на наплатната рампа Глумово, на автопатот Тетово-Скопје.

Од полицијата информираат дека комбе „Пежо Боксер“ со скопски регистарски таблички управувано 40 годишниот скопјанец Ј.Б. удрил во кабина од патарината, а потоа и во автомобил „Фолксваген Шаран“ со албански регистерски таблички управуван од И.П. (47) од Албанија.

Во несреќата со полесни повреди се здобиле вработениот на патарината Д.П. (47), возачот на „Шаранот“ и сопатниците,сите од Албанија, К.Т. (60), Џ.Ф. (53), А.В. (23), Ј.В. (21) и неколку месечно бебе, додека потешко повреден е сопатникот Д.Л. (32).

Со возила на Итна медицинска помош сите се пренесени во Ургентниот центар во Скопје, каде полесно повредените по укажаната лекарска помош се пуштени, додека Д.Л. е задржан во Клиничкиот центар.

Екипи на СВР Скопје извршиле увид на местото на несреќата.