Детали за нападот на тинејџерот во Стара скопска чаршија

Јавното обвинителство соопшти детали за нападот на 18 годишното момче кое се бори за живот. Истиот бил извршен во Старата скопска чаршија од страна на две лица на возраст од 14 години, а што точно се случувало прочитајте во продолжение.

Интегрален текст од соопшението на Основното јавно обвинителство Скопје

На 6 ноември во еден часот по полноќ, на ул. Битпазарска, во близина на кафе барот „Стоп“ по настаната вербална расправија двете деца тешко го повредиле  оштетениот 18-годишен К.С.

Децата со умисла го нападнале оштетениот, го удирале со тупаници во пределот на главата и градниот кош, од кои удари оштетеното лице паднало на земја, здобивајќи тешка телесна повреда изразена во вид на контузии на главата со повреди на мозокот, крвавење и со наполнети бели дробови со течност. Од настанатите повреди животот му е доведен во опасност.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Барање за поведување на подготвителна постапка против децата во судир со законот од 14 до 16 години до Судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 Скопје поради  постоење на основано сомнение дека сториле дејствие што со закон е предвидено како кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 ст.3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.  Извршено е испитување на сторителите од страна на судија за деца, издадени се Наредби за вештачење на траги пронајдени и фиксирани на местото на настанот и одземени се предмети кои можат да придонесат во натамошната постапка.

Јавниот обвинител поради сериозноста на стореното кривично дело, достави до судот Предлог за определување на мерката притвор за децата во судир со законот. Судот, решавајќи по предлогот, не го прифати, но изрече мерки на претпазливост и тоа, одземање на патните исправи на двете деца и обврска да не го напуштат местото на живеење.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје интензивно ќе продолжи со преземање на дејствија во насока на расветлување на настанот.