Дескоска: Од ВМРО-ДПМНЕ го бараа Јовески, а сега не сакаат да го слушнат

Министерката за правда Рената Дескоска на својот фејсбук-профил постави објава со која го најавува денешното продолжение на јавната расправа за Законот за јавно обвинителство.

„И денес матрицата на ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе на површина – бараат цензура и се противат јавниот обвинител Јовески и јас да земеме збор и да го кажеме мислењето по вчерашните предлози. Го бараа Јовески, а не сакаат да го слушнат“, напиша министерката во својата објава.

Таа воедно додаде дека, спротивно на Деловникот, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ се противат таа да каже кои се следните чекори во градење консензус околу законот.

На вчерашната расправа, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Антонијо Милошоски се обидоа да го блокираат говорот на јавниот обвинител Љубомир Јовески, со голем транспарент на кој пишуваше: „Господине Јовески, до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба“.

На крајот на минатата недела претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата на работните групи за законот за Јавно обвинителство во Собранието, откако министерката за правда го одби нивното барање да го повика државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да учествува во констриурањето на законот.