Дескоска најави поевтинување на услугите кај нотарите

Единствената цел во моментот е граѓаните да добијат поефтини услуги. Примарен интерес при измените на законите ќе бидат правата и интересите на граѓаните, интересот на правдата и на правната сигурност. Ова денес во изјава за медиумите го најави Министерката Рената Десковска на свечена седница по повод 20 годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија.

Во своето воведно обраќање, министерката за правда Дескоска истакна дека искуството од функционирањето на нотаријатот во Република Македонија во изминативе 20 години дава можност за преоценување на предностите и слабостите на концептите на нотарската служба, преоценка на обемот на надлежностите кои ги имаат нотарите, но и на начинот на вршење на овластувањата и одговорноста која ја имаат нотарите.

-Во заложбите за реформи коишто ќе постојат, не само во нотаријатот, туку и во целиот правен систем, очекувам соработка со Нотарската комора, особено во делот на јакнење на стручниот и професионалниот однос на нотарите и обезбедување на квалитетна и ефикасна нотарска служба, изјави Дескоска.