Десет скулптури на фасадата на Министерството за транспорт и врски

Откако почна реновирањето на зградата на Министерството за транспорт и врски, завршувањето на објектот се уште е далеку од крајот. Последните најави од министерството се дека таа конечно ќе биде готова за два месеца.

„Во моментот активно се одвиваат градежни работи на административниот објект на Министерството за транспорт и врски. Конкретно, северозападната фасада, која е предмет на овој проект се изработува со камени плочи со дебелина одредена и одобрена од проектант, инвеститор и надзорен орган. Во моментот, во финална фаза на изведба се гипсарските работи, фасадерската обработка, како и подополагачките работи“, велат од министерството.

Како што пишува Утрински, во периодот на градба беше изведена целокупна санација на бетонските јадра, а беа зајакнати и темелните плочи на објектот. Зградата е надградена и со дополнителни два ката со челична конструкција. 

Веќе е познато дека старо-новата зграда ќе добие нова барокна фасада и плус два ката. Целосно ќе се реновираат и канцелариите, ходниците и салите за состаноци. На фасадата ќе бидат поставени 10 скулптури, ќе бидат изведени релјефи и ќе има и монитор.

Планирано е покрај Министерството за транспорт и врски, во барокната зграда да се смести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем. На овој начин, како што објаснуваат од министерството, ќе се овозможи сите сектори и органи на ресорот транспорт и врски да бидат на едно место, наместо како што е сега на повеќе локации во Скопје. Досега за реконструкција на објектот се потпишани договори во вредност од речиси 6 милиони евра.