Десет скопски општини, сите различни и посебни

Во градот Скопје сега функционираат десет општини и секоја од нив историски и економски различно се развивала. Нивните локални самоуправи во поново време придонесуваат, која помалку, која повеќе, за подигањето на степенот на сопствената урбанизација.

Доколку се направи паралела помеѓу нив, ќе може да се поделат на поурбани и општини кои доправа треба да се урбанизираат. 

Општина Аеродром, која 2004 година се издвои од Кисела Вода, веројатно се издвојува од сите други како една од најурбаните скопски општини. Ниту една друга не може да се истакне со повеќе паркови и урбани места за одмор и рекреација. Паркот на авиончето, водниот парк, а сега и изградба на рајскиот парк. Се чини дека не недостигаат ниту фонтани, детски игралишта. Булеварското зеленило има посебни цветни аранжмани, како на пример цветни штркови, коцки и други инсталации. Оваа општина има и најмногу цркви, кои се изградија и се' уште се градат последниве десетина години. 

Со уредено булеварско зеленило и цвеќе на Аеродром единствено може да и' конкурира општина Карпош со познатата улица „Партизанска“. Ако некогаш двете страни на оваа сообраќајница беа долги шеталишта за тамошните жители, тоа може да бидат и сега ако не е преголем сообраќајниот метеж и енормно зголеменото количество на издувни гасови од зголемениот број на возила во секојдневниот сообраќаен метеж. Оваа скопска општина е се' уште атрактивна за живеење, но повеќе во делот каде што се индивидуалните куќи отколку во станбените згради. 

Карпошовци секогаш биле горди на фактот дека ја имаат старата Универзална сала, Драмскиот театар, хотел „Карпош“, а во поново време ТЦ „Лептокарија“, но и многу други важни институции и објекти. 

Стариот аквадукт е споменикот за кој се' уште не се знае дали и' припаѓа на општина Карпош или на нејзината соседна општина Бутел. 

Бутел е една од најмладите скопски општини, која се роди по поделбата на старата општина Чаир. Со територијалната поделба таа остана во поруралниот дел на стариот Чаир. 

Оваа скопска општина, иако е една од поградските и недалеку од Центар, веројатно е една од најнеразвиените и инфраструктурно и економски. Недостигаат уште многу патеки од павер-елементи за да не газат граѓаните во кал. Се' уште има дупки по улиците во повеќето од населбите, недостигаат паркови и паркиралишта, фонтани, детски игралишта... Може да се рече дека навистина многу фалат и клупи и канти за отпадоци. На места недостигаат автобуски постојки, зелени пазари, во некои од населбите до скоро немаше пошти, банки. Многу пати тамошните жители мораат да пешачат затоа што немаат дури ни банкомати во близина на местото на живеење или, пак, големи трговски центри. Во оваа скопска општина и во повеќето нејзини населби недостигаат шеталишта, места за вечерни прошетки и забава и, веројатно, уште многу нешта. 

Наспроти Бутел, Чаир може и секогаш се фалела со многуте парковски површини и старите и раскошни дрвја. Но и таму во делови од нив немилосрдно се градат станбени згради. На општинските улици зјаат дупки како кратери, а граѓаните велат градоначалникот Меџити сакал да се закити со реализација на голем проект, како што е изградбата на плоштадот „Скендербег“. 

Наместо фонтани и уредување на запуштените простори во нови парковски површини се подигаат споменици. Ниту Чаир не може да се пофали со хигиената ниту по улиците, ниту пред станбените згради. Во оваа општина како главен дел од стариот дел на градов и културен спомен е Старата скопска чаршија, во која полека се враќа соживотот и посетата на старите занаетчии од страна на многубројни туристи, а до ноември ќе се изгради и новиот плоштад „Скендербег“. 

Сосед на Чаир и Бутел е општина Гази Баба, која се вбројува во една од најголемите индустриски зони со регистрирани 2.818 деловни субјекти. Претставува комуникациска и транспортна порта на градот Скопје, низ која поминуваат сите транспортни и комуникациски коридори. Булеварот и истоимениот плоштад „Александар Македонски“, хотелот „Континентал“, црквата „Свети Архангел Михаил“,Природно-математичкиот, Хемискиот и Шумарскиот факултет се веројатно најкарактеристичните објекти кои се наоѓаат во срцето на Гази Баба.

И останатите општини како што се Кисела Вода, Шуто Оризари, Сарај и Ѓорче Петров имаат свои специфики, но и потреба за развој и доурбанизирање. Патем, ниту во Центар не е направено се' и доправа треба да се реализираат уште многу проекти.