Десет од 12-те двокатни панорамски автобуси повеќе не се во возна состојба - скапуваат и се користат за резервни делови

Десет од 12-те двокатни панорамски автобуси повеќе не се во возна состојба. Паркирани се во депото на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје и се користат за резервни делови.

Овие автобуси се дел од големата набавка што Град Скопје ја направи од Кина пред 7 години кога ЈСП беше подновено со 202 двокатни автобуси и 80 едноподни произведени во Украина. За секој од двокатните автобуси на кинескиот производител “Јутонг”, му беа искеширани по 150.000 евра.

Директорот на ЈСП, Кристијан Чушков деновиве изјави дека кинеските автобуси ем што биле скапо платени, туку се и со лош квалитет.

– Нефункционалните 10 панорамски автобуси се наследени од претходното раководство во неисправна состојба. Генерално, од нив се ваделе делови за да се стават во функција дел од затворените двокатни автобуси. Се ваделе мотори, менувачи, прозорци, шофершајбни, делови од командната табла, кочници, па дури и електрика и столчиња – вели Чушков.

Од ЈСП појаснуваат дека само два од панорамските автобуси се движат низ градот.

– Тие нема да се пуштаат летово на редовните линии. Ќе служат за реализирање на линијата за туристички разглед на Скопје – велат од ЈСП.

Во август 2009 година “Јутонг” беше избрана за најповолен понудувач на тендерот за набавка на автобуси што го распиша Министерството за транпорт и врски.

Кинезите понудија основна цена за 302 автобуси во износ од 51 милион евра и соодветни технички карактеристики, меѓу кои и мотор со еуро 5, вкупен број на седишта за 60 патници, автоматска рампа и генерална гаранција за 36 месеци.

Токму овие автобуси се посочувани од новото раковоство на Град Скопје како големи загадувачи на воздухот со оглед дека работат на дизел.