Десет најдобри пекари: Овие специјалитети може да се пробаат само во Скопје

Скопје, град кој изобилува со ресторани, кафулиња и најмногу од сè – маалски фурни кои се прославиле со своите специјалитети. Сите се познати најмалку по едно нешто и тоа придонело да ги знаат сите..

Што да се каже за вкусните пецива? Во периоди кога мојата генерација се нарекуваше млада, јадење бурек се третираше како социолошки феномен. Особено дружењата отпосле - по официјално излегување, некаде пред зори, време во кое се истакнаа бурекчилниците „Милениум“ - кај млечен ресторан, „Фурна“ во Чаир, „Цујо“ во Ѓорче Петров, „Кичево“ во Кисела Вода... Всушност, секое мало, па и секоја улица си има некоја своја култна бурекџилница, а тоа дали сакате помрсен, класичен или виткан како пита, зависи од тоа колку добар желудник имате.

Во листата подолу се обидовме да ги собереме на едно место “најлегендарните“ специјалитети во градот, кои со години претставуваат синоним за квалитет меѓу скопјани.

Зденка маслинка од „Кај мајче“

Скопјани знаат дека после ноќните излегувања најдоброто лиснато со зденка и маслинка можат да го вкусат токму „Кај мајче“. Лоцирана во близина на грчката амбасада, пекарата која работи само во вечерните часови стана позната меѓу помладата популација по овој нејзин специјалитет.

Симит погача и солени стапчиња од Чаирската „Фурна“

Таа е најстарата и единствена фурна во Скопје, која сė уште работи со традиционален начин на печење, со голема фурна на дрва. Ќе ја препознаете по неодминливите редици гладни муштерии, кои нетрпеливо чекаат да се дограбаат до некој од вкусните производи на оваа стара традиционална пекара. Рано наутро или доцна во ноќта, оваа фурна за Скопјани веќе 114 години неуморно ја подготвува најдобрата симит погача.

Пица бурек од „Буцко“ во Маџари

Одлична бурекџилница, каде ќе го пробате најбогатиот бурек со кулен или со свински врат. „Буцко“ работи во ноќните часови, а не е премногу да се каже дека токму тука ќе го пронајдете најдобриот пица-бурек во градот.

Крофните од Хром

Дури и за жителите на Карпош и Тафталиџе не претставува никаква потешкотија да тргнат во долга прошетка за на крајот да се наградат со фамозните крофни од Хром. Полнети со вкусен, чоколаден крем, ќе ве освојат од прва.

 „Силбо“

Пекара „Силбо“ која се наоѓа карши Универзалната сала, уште од самиот старт се наметна како главен конкурент на веќе одамна постоечките фурни во градот. Доколку некогаш имате прилика да ја посетите, имајте предвид дека за што и да се одлучите нема да погрешите. Уште една одлична страна на „Силбо“ е тоа што пекарата работи 24 часа.

„Tonny’s Bakery“

Сите што живеат или работат во Капиштец, во околината на Т.Ц. Беверли, добро ја знаат пекарата „Tonny’s Bakery“. Тука може да најдете вкусни бели пецива и пица сендвичи со нивниот препознатлив доматен сос. Бонус – работи 24 часа.

„Милениум“

Долгата редица не претставува никаков проблем за редовните потрошувачи на „Милениум“. Тие знаат дека вреди да се чека за вкусните банички, солените стапчиња или пак кифлите полнети со шунка и кашкавал. Кој пробал, се вратил пак.

„Тафче“

Во реонот на Автокоманда се наоѓаат неколку квалитетни фурни. Сепак, ние ја издвојуваме пица-симитката од „Тавче“ како нешто што мора да го пробате. Пекарата „Тохе“ која се наоѓа во непосредна близина, нуди исто така богат избор на вкусни и квалитетни производи.

„Дезо“

Жителите на Маџари и околните населби, имаат среќа што во нивна близина се наоѓа една од најдобрите пекари во градот. Речиси се што се приготвува тука е беспрекорно вкусно, а вреди да ја пробате пица-панцеротата, листаното со шунка и кашкавал, и штрудлата со вишни. Но, дури и да се одлучите за нешто друго од богатото мени, нема да погрешите. Фурната работи секој ден од 19 до 05 часот.

„Ла Делишс“

Ла Делишес важи за еден од најдобрите млечни ресторани во Скопје. Популарен меѓу младите особено во доцните часови, Ла Делишес може да се пофали со вкусни банички и производи од лиснато тесто. Лоциран е во близина на т.ц. Буњаковец, и работи 24 часа.