Дерматолозите предупредуваат: Од 11 до 15 часот луѓето да не се сончаат, сончевите зраци можат да бидат опасни и штетни

За здрава кожа е потребен Д-витамин, па затоа се препорачува сончање рано наутро и попладне по 15 часот. Но, реално многу од луѓето не го почитуваат ова и затоа лете актуелни се алергиите од сонце или фотодерматози.

Анализите покажуваат дека едно од 6 лица ќе се соочи со ваков проблем или околу 20% од популацијата. Медицинското искуство покажува дека повеќе вакви проблеми имаат жени на средна возраст со светол тен.

Дерматолозите предупредуваат дека овие алергии може да бидат опасни и препорачуваат од 11 до 15 часот луѓето да не се сончаат. Нивното долгогодишно искуство покажало дека неопходно е да се користат квалитетни креми за сончање со висок заштитен УВ-фактор. Но, и да се внимава со кремите кои содржат антиоксиданси, оти тие во вкрстени реакции можат да предизвикаат разни алергии. 
- Употребата и на разни лекови може да предизвика алергија на сонце, како што се тетрациклинските антибиотици, контрацептивните средства и нестероидните противвоспалителни лекови. Реакциите можат да се јават веднаш штом ќе се излезе на сонце или по неколку часа, при што се појавува црвенило и чешање. Најчесто црвенилото е присутно на деколтето, лицето и рацете, а се повлекува за неколку дена доколку не се излегува дирекно на сонце - објаснуваат кожните лекарите.

Тие посебно нагласуваат да не се користат креми коишто содржат етерични масти, ретинол и салицинска киселина. Препорачуваат да не се користи хемиски пилинг и микродермоабразии пред сончање, зашто така се зголемува опасноста од алергија.

Стручните лица од американската Агенција за контрола на храна и лекови ФДА предупредуваат дека не се препорачливи ниту краткотрајните тетоважи кои се направени врз база на пигмент од црна кана, заради присуството на хемикалијата фениленедијамин.

Годинава пред стартот на годишните одмори невладина организација од Велика Британија анкетирала 1.000 лица кои се подготвувале да заминат на годишен одмор. Истражувањето покажало дека 40% од мажите и жените ги игнорираат советите на лекарите и се сончаат кога сончевите зраци се најсилни Околу 25% од нив веруваат дека печењето на сонце е единствениот начин да се има убав темен тен. Повеќето од нив се изјасниле дека тоа го прават со години и убедени се дека предупредувањата на лекарите се неосновани и дури претерани.

Во светот, но и во Македонија, за последниве десетина години двојно е зголемен бројот на болните од рак на кожа, токму поради неправилното користење на сончевите зраци. На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија ако пред десетина години имало по 50 интервенции кај лица болни од рак на кожа, лани нивниот број се искачила на 150 пациенти.