Германските медиуми пренесуваат дека во вторникот чартер лет од Хамбур полетал кон Белград и Скопје каде биле депортирани 36 лица пишува ДВ. Станува збор за лица чие барање за политички азил е одбиено, а меѓу нив има и осудени криминалци.
Како што објави весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и на Косово, на кои им било одбиено правото на азил или поради некоја друга причина немале право да останат во Германија. Чартер-летот на полската компанија Ентер Ер бил изнајмен од најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека депортираните биле регистрирани во оваа покраина.
Добивањето азил во Германија посебно од Македонија е многу тешко откако во 2014 година земјите од Западен Балкан беа прогласени за таканаречени безбедни земји поради огромниот број баратели на азил чии барања беа одбиени. Тоа значи дека луѓето од овие земји можат да бидат депортирани по скратен процес на проверка. Бројката на вратени лица во првата половина од 2024 година изнесува 774 македонски државјани.