Граѓани на Хром бараат помош од општина Ѓорче Петров да им го реши проблемот со контејнерите на улицата „Воин Драшкоци“ или спроти „Панко“. Просторот околу контејнерите е вистинска депонија и е потенцијална опасност за зараза бидејќи во близина е детското игралиште.
– Секојдневно се полни, најмногу со кабаст отпад од околните инвеститори што градат згради. На контејнерите не им е место до детско игралиште. Треба да се дислоцираат подалеку и да се разретчат. Да се стават нови затворени контејнери. Конечно ова место да биде детско игралиште. Инаку го викаат „кај ѓубрето во Хром“ и тука се истовара ѓубре со возила и од други населби што не е во ред. Не одат заедно деца и контејнери. Тоа е потенцијална опасност од зараза. Спремни сме на разговор сите што живееме тука и нудиме решенија, но до сега никој не нè слушна. Се создаде депонија. За вашите решенија треба да сме сите запознаени, бидејќи треба да бидат функционални, а не само за пред камери. Ако веќе правите нешто, бидете транспарентни до крај. Не само колку да се направи, а проблемите да останат. Потпишавме петиција и е од петте околни згради. Тоа се многу незадоволни жители на населбава – стои во петицијата на станарите.
Тие очекуваат од општината да го исполнат ветувањето за дислокација на контејнерите и дека за брзо време ќе се заврши веќе започнатото уредување на паркот.
– Ако не се реши овој проблем ќе бидеме присилени да излеземе на ПРОТЕСТ и да ги побараме нашите права – реагираат жители на Хром.
izvor - Vecer