Денови на македонската култура во Белград

Здружението на Македонците во Белград „Македониум“ од 20 до 25 мај ја организира деветтата традиционална културна манифестација „Денови на македонската култура во Белград – Допирот на Македонија“. Предвидена е богата, повеќедневна програма, во рамки на која љубителите на македонската култура и традиција ќе имаат можност да се запознаат и да уживаат во различни културни содржини.

Во рамките на Деновите на македонската култура вчера вечер во Театарот 78 беше одржан концерт-„Зедниците заедно“ на македонската, хрватската, словенечката и влашката национална зедница.

Вечер во УК „Параброд“ ќе се одржи поетско читање на традиционалната и на современата македонска поезија на Наташа Сарџоска, Долорес Атанасавоа – Лори, Снежана Стојчевска, Тихомир Јанчоски и Исток Улчар.

В среда предвидено е свечено отворање на ликовната изложба „Зад виножитото“ на академскиот сликар Калина Брајковска од Скопје, а в четврток вечер ќе има проекција на наградени македонски современи краткометражни играни филмови – „Последните камбани“ и „Fighting for a death“.

На 24 Мај – Денот на Св. Кирил и Методиј заедно со претставници на амбасадата на нашата држава во Белград предвидено е положување цвеќиња на споменикот на дајцата словенски просветители, што е подарок на градот Белград од македонскиот академски скулптор Томе Серафимовски, како и одржување свечена академија во чест на св. Кирил и Методиј во УК „Параброд“ на која ќе говори писателот Филип Димковски од Скопје.

Деновите на македонската култура традиционално ќе завршат в сабота во Домот на војската со Македонска етно вечер, на кој ќе настапи македонскиот Адреналин бенд.

Годинашната манифестација „Денови на македонската култура во Белград – Допирот на Македонија“ е поддржана од Министерството за култура на Србија, Националниот совет на Македонците во Србија и „Алкалоид“ од Скопје.