Денови ли се – денови аргатски маки големи!

На денешен ден, во 1939 г. во Хрватска излезе од печат збирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, која се смета за антологија на болките и страдањата на македонскиот народ.

Социјалните песни на Рацин, совршено ја отсликуваат положбата на Македонија и Македонците пред почетокот на Втората светска војна. Неговите стихови се рецитираат и денес, а предизвиците на обичниот човек и тоа како се застапени и во денешно време. 

-Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви - велат од „Македонска поезија“. Во прилог, потсетување на една од најпознатите песни на Рацин, „Денови“. 

„Денови“

Како на вратот гердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се – денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –

ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек – роб биди
роди се човек – скот умри,
скотски цел живот работи
за други туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си –
нижи си гердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!