Денеска се празнува светиот чудотворец кој ги лечеше сите маки и болести

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 ноември - Св. Григориј Неокесариски Чудотворец.

Свети Григориј се роди од родители незнабошци. Во младоста ја бараше утехата во елинската и египетската мудрост, но откако се увери во нивната недоволност, се сврти кон христијанството. Неколку години беше ученик на Ориген, кој го крсти, а потоа се повлече во пустина. Кога сакаа да го постават за епископ на Кесарија, бегаше и се криеше од пратениците.

Најпосле, по Божја промисла, беше поставен за епископ. Господ го имаше надарено со големи дарови: ги гледаше настаните и човечките мисли на далечина, беше невидлив пред гонителите, ги лечеше сите маки и болести. Се успокои во 270 година, во длабока старост. Како епископ, ја обрати во христијанство цела Кесарија, во која до неговото доаѓање имаше само 17 христијани.