Денеска се празнува Богородица како заштитничка на целиот православен народ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 октомври.

Денеска е Покров на Пресвета Богородица. Настанот што го слави Црквата денес се случил на 1 октомври 911 година, на едно бдение во Богородичната влахернска црква во Цариград. Црквата била полна со народ. Меѓу народот бил и свети Андреј Јуродивиот со својот ученик Епифаниј.

Во четири часот ноќта над народот се појавила Пресвета Богородица со распослан омофор со кој го покривала целиот народ. Била облечена во порфира и блескала со неискажлив сјај, опколена од апостолите и светителите. Гледајќи го јавувањето, свети Андреј му рекол на Епифаниј: “Ја гледаш ли, брате, царицата и господарката над се, како се моли за целиот свет?” Во чест на тоа јавување и се востанови овој празник. Но, овој празник е само потврда или симбол на славењето на Пресвета Богородица, како заштитничка на целиот православен народ, бидејќи нејзиното заштитништво се покажало многупати и пред овој настан.

Тој е потврда, пред се, за нејзиното молитвено застапништво за нас луѓето пред престолот на Троичниот Бог.

Денешниот празник се нарекува и женски бидејќи го слават жените како полесно би раѓале и би ги подигале децата. Секоја жена би требало да се помоли на Богородица, како полесно би затруднела, раѓала и во здравје и среќа би ги подигала децата.